Охрид повторно ќе живее во знакот на водените спортови, со четвртото издание на Ohrid Water Festival, кое ќе се одржува од 12 до 30 август.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, порача дека фестивалот од храбра идеја прераснал во препознатлив спортски бренд на градот. Во рамките на програмата се предвидени бројни спортски и рекреативни активности на Охридското Езеро, наменети за различни генерации, интереси и нивоа на спортска подготвеност.
Круна на фестивалската програма и оваа година ќе биде Охридскиот пливачки маратон, еден од најзначајните и најпрепознатливи спортски настани поврзани со градот.
Пецаков изрази благодарност до охридските клубови, спортистите, спортските работници, организаторите, партнерите и институциите кои се вклучени во реализацијата на фестивалот.
Тој ги покани граѓаните, домашните и странските гости и сите љубители на спортот и забавата да бидат дел од четвртото издание на фестивалот.
„Охрид не е само град на езеро, туку Охрид е град кој живее со езерото“, порача Пецаков.