По 72 часа непрекината борба со огнената стихија и три непроспиени ноќи на терен, пожарот на Пелистер е ставен под контрола, информираат од Националниот парк „Пелистер“.
Станува збор за еден од најсложените пожари во текот на оваа сезона, кој зафатил шума во која доминираат црн и бел бор. Гаснењето било дополнително отежнато поради непристапниот терен и неповолните временски услови.
Од Националниот парк посочуваат дека успешното справување со пожарот било резултат на координираната работа на повеќе институции и екипи. На терен непрекинато дејствувале припадници на НП „Пелистер“, територијалните противпожарни единици од Битола и Ресен, механизација на јавни претпријатија, ЈП „Стрежево“, припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, доброволни противпожарни друштва, како и бројни доброволци и приватни стопанственици.
Во гаснењето од воздух биле ангажирани хеликоптери на Воздухопловниот винт на Армијата и противпожарни авиони „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Дел од екипите на терен останале ангажирани и повеќе од 48 часа без прекин. Од Националниот парк изразија благодарност до сите институции, организации, доброволци и граѓани кои помогнале во справувањето со пожарот.
Од НП „Пелистер“ нагласуваат дека координацијата на голем број копнени и воздушни сили на ограничен и тешко пристапен простор претставувала сериозен предизвик, но заедничкиот ангажман овозможил пожарот да биде ставен под контрола.