Здружението на граѓани „16 Март 2025“, во кое членуваат дел од семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, упати остри прашања до обвинетите полициски службеници по денешното рочиште, на кое беа презентирани воведните зборови и беа сослушани сведоци.
Реакцијата следува откако во судницата сведоци изјавија дека дел од полицајците не им помогнале по избувнувањето на пожарот, а родителите повторно го отворија прашањето за нивното постапување за време на контролата во дискотеката.
„Денес го следиме рочиштето против полициските службеници обвинети за тешки дела против општата сигурност.
Во своите воведни зборови слушнавме кој бил задолжен за што.
Но, едно прашање не можеме да го премолчиме.
Велите дека сте имале задача да барате опојни дроги. Ако е така, како не го пронајдовте она што, според многу жители, „го знае цело Кочани“? Дали навистина не видовте или не сакавте да видите, па молчешкум одминувавте?
Влегувате во дискотеката, а не реагирате на пиротехниката. Дали и спречувањето на такви опасности е дел од вашите службени обврски? Ако е, тогаш зошто не постапивте? Законот не познава изговор „не ми беше смената за тоа“ кога се работи за заштита на човечки животи.
А потоа ги гледаме телефонските комуникации што Обвинителството ги презентира во судницата. Тие ќе бидат предмет на судска оценка, но отвораат сериозни прашања за односите меѓу дел од обвинетите и сопственикот на „Пулс“.
И затоа денес прашуваме: дали униформата служела за заштита на граѓаните или за удобност на привилегираните? Дали некои биле таму за да го спроведуваат законот или за резервирани маси и бесплатни пијалаци?
За жал, за нашите 63 деца, секое непостапување имаше цена. И таа цена беше нивниот живот.
Ние нема да судиме наместо судот. Но, нема ниту да дозволиме зад службени задачи, процедури и изговори да се сокрие човечката и службената одговорност. Правда не се брани со оправдувања, туку со факти. А фактите денес се изведуваат во судницата и ние сме тука будно да следиме!!!“, наведуваат од Здружението.
Претходно, на денешното рочиште сведочеше 24-годишната Сара, која изјави дека по пожарот побарала помош од полицаец пред дискотеката бидејќи не можела да се движи, но, како што рече, не добила никаква помош.
„Видов еден полицаец. Му реков: многу ми е лошо, но тој не сакаше да ми помогне. Ми рече: „Како јас можам да ти помогнам? Што да ти направам?“ и се тргна настрана“, сведочеше Сара.
Сведочеше и 19-годишниот Теодор, кој изјави дека непосредно пред пожарот полициски службеник ги запрел него и неговите пријатели за проверка, поради што се нашле надвор од дискотеката кога избувнал пожарот. Тој наведе дека подоцна, додека се обидувал да му помогне на другар да го пронајде својот брат, не видел полициски службеници да им помагаат на луѓето. Трет сведок изјави дека забележал полицајка која стоела пред дискотеката, но не знаел дали им помагала на присутните.
За тешки дела против општата сигурност во овој предмет се обвинети 13 полициски службеници.