Идните студенти од вторник и среда, 18 и 19 август, ќе можат да се пријават во првиот уписен рок на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. За академската 2026/2027 година, на 23-те факултети на УКИМ се предвидени вкупно 8.851 место.
Од вкупниот број места, 4.395 се наменети за редовни студенти во државна квота, односно студенти чии студии се финансираат од државниот буџет. Дополнително, има 3.621 место за редовни студенти со кофинансирање, додека 835 места се наменети за вонредни студенти.
Меѓу факултетите со најголем број слободни места се Медицинскиот факултет со 950, Филолошкиот со 805, ФИНКИ со 800, Филозофскиот со 635, Економскиот со 655, Природно-математичкиот со 626, ФЕИТ и Машинскиот факултет со по 600, како и Правниот со 555 места.
За студентите во државната квота надоместот за студирање изнесува 200 евра во денарска противвредност, додека студентите во квотата за кофинансирање и вонредните студенти плаќаат школарина од 400 евра.
По првиот рок, конечната ранг-листа на примените кандидати треба да биде објавена на 27 август, а запишувањето ќе се врши на 3 и 4 септември.
Доколку останат слободни места, вториот рок за пријавување е закажан за 10 и 11 септември, а третиот рок ќе се одржи на 23 септември, на факултетите на кои ќе има преостанати места.
Пред пријавувањето, кандидатите треба да се регистрираат преку системот upisi.ukim.mk и да ја пополнат електронската пријава во iKnow-системот. Бројот што автоматски ќе го добијат при електронската регистрација треба да го внесат и во пријавата за запишување.
Самото пријавување се врши во службата за студентски прашања на избраниот факултет.
Во конкурсот на УКИМ се наведени и условите за запишување, потребната документација, критериумите за селекција и начинот на пресметување на бодовите од општиот успех и резултатите од државната, државната стручна или државната уметничка матура.
Академската 2026/2027 година на УКИМ е предвидено да започне на 1 октомври.