Поранешниот израелски премиер Ехуд Барак оцени дека новиот американски предлог за рамка за решавање на ситуацијата во Газа го става Израел во втор план и покажува дека американскиот претседател Доналд Трамп повеќе не му придава големо значење на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Во интервју за израелскиот јавен сервис КАН, Барак изјави дека текстот на предложениот договор е нејасен, но дека неговата насока е очигледна.
„Израел и неговите барања се игнорираат“, рече Барак.
Тој посочи дека предлогот не предвидува целосно разоружување на Хамас, отстранување на оружјето од Појасот Газа, ниту кривично гонење на раководството на организацијата.
Според него, наместо тоа, документот предвидува прекин на целните ликвидации и враќање на контролата врз 53 проценти од Појасот Газа, наместо досегашните 65 проценти.
„Болната вистина е дека Трамп повеќе не му обрнува внимание на Нетанјаху и целата ситуација предизвикува длабока загриженост“, изјави Барак.
Тој додаде дека Нетанјаху целосно го изгубил влијанието врз Трамп, како и довербата кај најблиските соработници на американскиот претседател.
„Односот меѓу Трамп и Нетанјаху е сериозно нарушен“, оцени поранешниот израелски премиер.