Повеќе од 1,1 милион лица влегле во Грција преку граничниот премин Евзони од почетокот на јуни, покажуваат податоците објавени од грчката државна телевизија ЕРТ. Во истиот период, земјата преку овој премин ја напуштиле околу 940.000 лица.
Зголемениот сообраќај и повеќечасовните чекања на Евзони сè почесто се тема во грчките медиуми, особено поради километарските колони кон туристичките места во северниот дел на земјата.
Само во периодот од 7 до 9 август во Грција преку Евзони влегле 62.000 лица, а излегле 55.000. До денес напладне биле регистрирани уште 16.500 влезови и 8.500 излези.
Во јули преку преминот биле регистрирани 632.000 влезови и 554.000 излези, додека во јуни во Грција влегле 468.000, а излегле 387.000 лица.
Грчките медиуми и туристичките работници предупредуваат дека долгите чекања може негативно да влијаат врз туристичкото искуство и конкурентноста на популарните дестинации како Халкидики и Пиерија.
Претседателот на Здружението на хотелиери на Пиерија, Ираклис Цитлакидис, предлага во периодите со најголем сообраќај да се зголеми бројот на службеници на граничните премини, да се отворат повеќе контролни точки и да се засили соработката меѓу соседните гранични служби.
Во Пиерија, според него, исполнетоста на сместувачките капацитети во август е околу 80 отсто, а очекувањата се приходите да бидат на нивото од минатата година.
Од друга страна, претседателот на Здружението на хотелиери и на Туристичката организација на Халкидики, Григорис Тасиос, очекува сезоната да заврши со помал број туристички пристигнувања и пониски приходи во споредба со минатата година.
За намалување на застојот на Евзони привремено се применува и можноста што ја овозможува новиот систем на ЕУ за биометриска регистрација (ЕЕС). Во периоди на зголемен сообраќај, регистрацијата се спроведува без земање отпечатоци и фотографирање.