Водата во Гостивар и натаму не е безбедна за пиење, и покрај најавите и ветувањата на власта дека состојбата ќе се подобри, обвини претседателот на СДММ, Трајче Стојчевски, на прес-конференција.
Тој посочи дека забраната за користење на водата од чешма трае веќе пет недели, во период на високи температури, а локалниот кризен штаб продолжува да ја спроведува мерката.
Според Стојчевски, вода се дели на пет точки, додека во селата и во делови од градот граѓаните сè уште користат техничка вода.
„Граѓаните веќе јасно разбираат: зборот на Мицкоски и на организираната криминална група ВМРО ништо не вреди“, изјави тој.
Од СДСМ обвинуваат дека проблемот со водоснабдувањето во Гостивар не е изолиран случај и дека во повеќе од 50 населени места низ државата водата не е чиста.
Стојчевски се осврна и на состојбата со реките, посочувајќи дека по загадувањето на Лепенец и Вардар, слични проблеми се забележуваат и кај Тополка и Бабуна. Тој се повика на најновите анализи на Центарот за јавно здравје – Велес, според кои двете реки се микробиолошки загадени и не се препорачуваат за капење.
Тој додаде дека езерото Младост е под забрана веќе две години, па како единствена безбедна опција за граѓаните ја посочи градскиот базен.
Според СДСМ, на почетокот на кризата во Гостивар проблемот бил прикриван и минимизиран, а истата политика, како што велат, се применува и при други случаи на загадување.
„Кога една власт постојано лаже за основните работи – вода, воздух, здравје, тогаш повеќе никој не верува ниту на една нивна изјава“, рече Стојчевски, додавајќи дека Гостивар е „најновиот доказ“ за тоа.