Голем пожар избувна во хали на компанијата ЛПП Холдинг во Пардубице, Чешка, по што одговорност за инцидентот презеде анонимна група, тврдејќи дека станува збор за акција поврзана со наводна соработка со израелската воена индустрија.
Според локалните медиуми, неколку минути пред избувнувањето на пожарот, редакции добиле електронска порака од група која се претставува како „Earthquake Faction“, во која се наведува дека нападот бил извршен за да се „прекине улогата во израелските воени операции“.
Во пораката се тврди дека фабриката била дел од заеднички проект со израелската компанија „Елбит Системс“, која е еден од главните снабдувачи на израелската армија.
Чешките власти случајот го третираат како можно терористичко дело. Министерот за внатрешни работи свика кризен штаб, а истрагата ја презеде Националниот центар за борба против тероризам, со вклучување и на безбедносно-разузнавачките служби.
Сепак, од компанијата ЛПП Холдинг ги демантираат клучните тврдења. Велат дека иако во минатото постоеле планови за соработка со израелската компанија, тие никогаш не биле реализирани.
„Во нашата фабрика никогаш не се произведувале израелски дронови. Планираната соработка не се оствари поради откажување на тендерот“, изјавија од компанијата.
Според нив, објектот во Пардубице работи на развој и производство на оптичка опрема, термовизиски уреди и технологии за ноќно гледање, главно во соработка со украински партнери.
Истрагата моментално разгледува повеќе можни сценарија – од намерно подметнат пожар, преку екстремистички напад, до потенцијално странско влијание. Засега нема официјална потврда за мотивите, а властите предупредуваат да не се шират непроверени информации.
Во пожарот нема повредени, но материјалната штета е значителна.