На денешен ден се навршуваат десет години од една од најголемите природни трагедии во поновата историја на Македонија. На 6 август 2016 година силно невреме проследено со пороен дожд, грмежи и силен ветер го зафати најпрво Полошкиот, а потоа и Скопскиот регион, оставајќи зад себе пустош и 22 човечки жртви.
Во Скопје за само 24 часа наврнаа 93 литри дожд на квадратен метар, а во првите два часа беа регистрирани повеќе од 800 молњи. Најтешко беа погодени североисточните делови на главниот град – Стајковци, Сингелиќ, Смилковци, Црешево и Арачиново, каде надојдените води предизвикаа огромни материјални штети и однесоа човечки животи. Меѓу жртвите беше и двегодишно дете.
Последиците од катастрофата беа огромни. На скопските клиники беа згрижени 22 повредени лица, повеќе од 1.000 жители беа евакуирани, а бројни семејства останаа без своите домови. Поплавите предизвикаа сериозни оштетувања на патната и комуналната инфраструктура, како и на голем број приватни имоти.
Во деновите по трагедијата, граѓаните се организираа преку социјалните мрежи и отворија пунктови за собирање и распределба на хуманитарна помош за погодените семејства. Владата прогласи кризна состојба во Скопскиот и Тетовскиот регион во траење од 15 дена, а 8 август беше прогласен за Ден на жалост.
И десет години подоцна, 6 август останува врежан во колективната меморија како ден кога силното невреме за само неколку часа го промени животот на илјадници граѓани и остави длабока трага во историјата на Скопје и Македонија.