Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје го прифати предлогот на Обвинителството и определи мерка притвор во траење од 30 дена за директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Сабахадин Рустеми, и уште едно лице од раководството на претпријатието – А.С.
Двајцата се осомничени за кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“, казниво по член 230 став 1 од Кривичниот законик, за што е предвидена и затворска казна.
„Судија на претходна постапка постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерка притвор против две лица, по нивното произнесување во присуство на јавен обвинител и нивни бранители, донесе решенија со кои го прифати предлогот и на двете лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена,“ соопштија од Кривичниот суд.
Судот ја образложи одлуката со тоа што постојат основи за опасност осомничените да ја попречат истрагата, да влијаат врз сведоци или да го повторат делото, односно по член 165 став 1, точки 2 и 3 од Кривичниот законик.
Постапката против нив започна по наредба на Основното јавно обвинителство – Скопје, кога полициски службеници спроведоа акции за обезбедување докази поврзани со управувањето со отпад и постапувањето на претпријатието во делот на заштита на животната средина.
„Во однос на ова, лицата се задржани и постапката е во тек. Штом имаме повеќе детали, јавноста ќе биде известена,“ изјавија од Обвинителството за Скопје1.
Против решението на судот странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на истиот суд.