Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот со закланите коњи во скопската Зоолошка градина, кој произлезе од кривична пријава на МВР поднесена во 2022 година против тогашниот директор и петмина вработени.
На денешното рочиште сведочеа актуелниот директор на Зоолошката градина, Зоран Попов, и официјален ветеринар од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Попов потврди дека во рамки на институцијата постои можност за кланица, но нагласи дека од неговото доаѓање во 2022 година не се користело коњско месо за исхрана на животните. Според неговите зборови, од постари колеги дознал дека во минатото постоела таква практика.
Ветеринарот од АХВ сведочеше дека лично ги видел десетте заклани коњи, како и две живи грла во депото на Зоолошката градина. Тој изјави дека за животните не бил приложен здравствен сертификат, што претставува прекршување на Законот за идентификација и регистрација на животни.
„Освен договорот со КПУ Идризово, не беа приложени други документи. Поради тоа беа изречени прекршочни платни налози, месото беше уништено во ‘Дрисла’, а живите коњи беа вратени во затворот“, изјави сведокот.
Тој додаде дека не му е познато што се случило со животните по нивното враќање во Идризово, но потврди дека и во минатото, за време на неговото стажирање, во ЗОО се користело месо од изнемоштени животни за исхрана на месојадите.
Случајот предизвика голема реакција во јавноста во 2022 година, кога беше обелоденето дека во скопската Зоолошка градина биле заклани коњи наводно за храна за дивите животни. Поранешниот директор Кристијан Стаменов, кој тогаш тврдеше дека коњите биле добиени од Агенцијата за запленет имот, беше разрешен од функцијата.