Сериозен инцидент се случил во Зоолошката градина во Скопје, откако белите волци наводно избегале од своето живеалиште и усмртиле неколку животни и птици, објави порталот Петс.мк.
Според информациите објавени од медиумот, инцидентот се случил во саботата, кога белите волци наводно успеале да ископаат дупка под оградениот простор и да излезат од живеалиштето.
Како што наведува Петс.мк, при бегството волците нападнале и усмртиле четири кенгури и неколку ему птици. Според нивните извори, на вработените во Зоолошката градина им биле потребни неколку часа за да ги пронајдат и повторно да ги вратат животните во нивното живеалиште.
Од Зоолошката градина во Скопје засега нема официјална потврда или соопштение за настанот. Според Петс.мк, в.д. директорката на ЗОО Скопје, Катерина Костова, не одговорила на нивните повици за да даде појаснување за околностите под кои се случил инцидентот, како и за безбедносните мерки во живеалиштето на волците.