Комисијата за избор на кандидат на Република Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур предложи тројца кандидати кои ќе бидат испратени на разгледување до експертскиот панел на Советот на Европа. Предложени се: професорот Сашо Георгиевски и адвокатите Јордан Апостолски и Наташа Бошковска.
Според претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, кој е член на Комисијата, одлуката ја донеле врз основа на критериумите за висок морален углед, квалификации за судиска функција и признат правнички углед.
„Мал број на кандидати што го исполнуваа вториот услов, квалификации за вршење на судиска функција. Професорот Георгиевски е признат како угледен стручњак, додека, двајцата избрани адвокати имаат неспорно значајни искуства во човекови права “, рече Костадиновски.
Како што информираше, се гласало тајно за сите кандидати, двајца од избраните кандидати добиле по пет гласа, еден четири.
До крајот на неделата имињата ќе бидат испратени до експертскиот панел на Советот на Европа, кој ќе даде конечна оценка.
Претходниот обид не успеа, бидејќи од Владата не доби ниту еден од тројцата предложени кандидати поддршка. На постапката остро реагираше обвинителката од поранешното СЈО, Ленче Ристоска.