Затвореникот Фатим Муслиу е првиот кој ја доби Македонија пред Европскиот суд за човекови права за нечовечко постапување во Идризово. Ова доаѓа откако во Македонија биле поминати сите судски истнаци, без да се лоцира вина.
Станува збор за настан од 3 август 2020 година, кога осудено лице било физички нападнато и тепано од припадник на затворската полиција пред кантината во КПД Идризово, при што се здобило со телесни повреди. Тој се жалеше дека бил изложен на нечовечко постапување и дека домашните власти не спровеле ефективна истрага.
По неуспешен обид за спогодбено решавање, Владата доставила унилатерална декларација до Судот, во која признала повреда на правата гарантирани со член 3 од Конвенцијата и понудила обештетување од 11.295 евра за нематеријална штета, плус евентуален данок.
Иако апликантот не бил задоволен од декларацијата, укажувајќи дека не се конкретизирани мерки за надминување на структурните проблеми, Судот оцени дека повеќе не е оправдано да продолжи со испитување на предметот и го избриша од листата согласноКонвенцијата.
Во одлуката се нагласува дека таа не ја ослободува државата од обврската да спроведе истрага во согласност со барањата на Конвенцијата, имајќи го предвид признанието за повреда на член 3.
Предметот го застапувал адвокатот Диме Ѓорчевски од Скопје, во рамки на проекти на Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Одлуката претставува прва ваква пресуда против Македонија во затворски предмет по основ на член 3 од ЕКЧП и дополнително ги отвора прашањата за системските слабости во затворскиот систем и неефикасноста на механизмите за истрага на наводи за тортура и нечовечко постапување.