Судскиот совет го разреши судијата на Апелациониот суд во Скопје, Енвер Беџети, кој се наоѓа на американската црна листа поради сомневања за корупција поврзани со предметот за масовното прислушување.
Одлуката е донесена поради „потешка дисциплинска повреда“ и утврдена недостојност за вршење судиска функција.
По спроведена постапка за утврдување одговорност, Судскиот совет на седницата одржана на 26 мај 2025 година утврдил дека Беџети се однесувал недолично и го нарушил јавниот ред и мир. Тој е разрешен од функцијата поради ваквото однесување, откако претходно беше критикуван затоа што девет месеци го држел во фиока предметот „Тврдина–Таргет“ за незаконското прислушување, каде обвинет беше Сашо Мијалков, дозволувајќи предметот да застари.
Иако за оваа злоупотреба на функцијата претходно беше казнет само со намалување на платата за шест месеци, Судскиот совет сега оцени дека се исполнети условите за негово разрешување.