На денешната прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, изјави дека нема да го поддржи предложениот ребаланс на Буџетот, оценувајќи дека тој не нуди развој, повисоки плати и економска стабилност, туку носи нови задолжувања, повисока инфлација и поголема неизвесност за граѓаните.
Поповиќ изјави дека ребалансот претставува признание за, како што рече, неуспешните економски политики на Владата, која наместо корекции, продолжува со истата економска насока.
Според Поповиќ, со ребалансот буџетскиот дефицит се зголемува од 3 на 4,1 проценти од БДП, а јавниот долг, кој според СДСМ за две години е зголемен за околу 2,5 милијарди евра, би можел до крајот на годината да надмине 61,5 проценти од БДП.
Од партијата тврдат дека Владата веќе ја намалила проекцијата за економскиот раст од 3,8 на 3,1 процент, додека прогнозата за инфлацијата е зголемена од 2,5 на 4,5 проценти, што, според нив, значи дополнителен раст на цените и намалување на куповната моќ на граѓаните.
Поповиќ критикуваше и дел од кратењата предвидени со ребалансот, наведувајќи дека се намалуваат средствата за противпожарна заштита, демографските политики, програмите за млади, поддршката за инвестиции, детската заштита и социјалните програми.
Таа предупреди дека, според пресметките на СДСМ, недостасуваат средства и за исплата на социјалните надоместоци, за заштитните друштва што вработуваат лица со попреченост, како и за редовна исплата на пензиите до крајот на годината.
Од СДСМ најавија дека ќе поднесат амандмани со кои ќе бараат повеќе средства за социјална заштита, поддршка на лицата со попреченост, засолништа за жртви на семејно насилство, демографски политики, здравство, образование, плати во одбраната и противпожарните служби, како и дополнителна финансиска поддршка за земјоделството.
Од партијата порачаа дека Владата треба да ги намали, како што велат, непродуктивните и луксузните трошоци и средствата да ги пренасочи кон потребите на граѓаните и стопанството.