Поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска ги отфрли тврдењата на државниот јавен обвинител Ненад Савески дека предметот „Талир 2“ ќе останел во нејзина надлежност доколку не поднела оставка.
Во објава на Фејсбук, Ристоска наведува дека тоа не е точно и објаснува дека како обвинител за врски можела да постапува по предмети што се во надлежност на Канцеларијата за врски, а по исклучок и по предмети на кои претходно работела, но само врз основа на посебно овластување од државниот јавен обвинител.
Според неа, предметот „Талир 2“ не бил во надлежност на Канцеларијата за врски, туку го водела токму врз основа на такво овластување.
„Со повлекувањето на тоа овластување отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет“, наведува Ристоска.
Таа додава дека лично го информирала Савески за ова на состанок пред да ја поднесе оставката, при што му посочила дека доколку ѝ бидат одземени овластувањата за предметите на кои работела, ќе се повлече од функцијата.
„Лично го известив и дека доколку ги повлече овластувањата по предметите по кои постапувам, ќе следи мојата оставка, а ги објаснив и причините за таквата одлука. Така што, неспорно е дека мојата оставка беше моја одлука, но таа, меѓу другото, беше последица на одземањето на основот да ги работам предметите“, напиша Ристоска.
Претходно, Савески изјави дека предметот „Талир 2“ бил во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје и дека, доколку Ристоска не поднела оставка, ќе продолжела да постапува по него.
„Во овој предмет моето повлекување на овластувањата никако не можеше да се смета дека имало последица да ѝ биде одземен предметот. Доколку останеше, таа ќе работеше на овој предмет. Одлуката на обвинителката Ристоска да поднесе оставка беше нејзина лична одлука“, изјави Савески.
Савески: Ристоска ќе го водеше „Талир 2“ ако не поднесеше оставка
Јавното обвинителство ќе одлучи дали ќе поднесе жалба на ослободителната пресуда во предметот „Талир 2“ откако ќе ја добие и детално ќе ја анализира писмената верзија на судската одлука, изјави државниот јавен обвинител Ненад Савески.Одговарајќи на новинарско прашање зошто Обвинителството веднаш не најавило жалба, како што вообичаено се случува по ослободителни пресуди, Савески рече дека не присуствувал на усното образложение во судницата.„Не можам да ви одговорам сега бидејќи ќе се чека писмена
Македонија | пред 3 часа