Јавниот обвинител Ненад Савески не се согласува со оценките дека судовите носат одлуки под притисок или под влијание на Јавното обвинителство. Во контекст на реакциите за предметите „Ласкарци“ и Стевчо Јакимовски, Савески порача дека судските одлуки се темелат на законите и доказите во конкретните постапки.
Според него, погрешен е впечатокот дека првостепените судови донесуваат одлуки без соодветно да ги разгледаат доказите, а потоа повисоките судови ги укинуваат. Савески посочи дека Врховниот суд во овие предмети не ги оценувал обвиненијата, туку одлуките што ги донеле пониските судови.
„Пресудите се носат во името на граѓаните, врз основа на примена на законите и доказите што се содржани во тие предмети“, рече Савески по седницата на Советот на јавните обвинители.
Во однос на „Ласкарци“ и предметот поврзан со Стевчо Јакимовски, тој појасни дека одлуките на повисоките судови се однесуваат на одлуките на првостепениот и второстепениот суд, а не на самите обвинителни акти.
„Врховниот суд не ги ценел обвиненијата, туку одлуките на второстепениот и првостепениот суд“, нагласи јавниот обвинител.
Савески говореше и за предметот „Пулс“, каде што се отвора прашањето за истекувањето на максималниот законски рок за притвор на Дејан Јованов-Деко. Тој потврди дека роковите за траење на притворот се утврдени со закон и дека тие мора да се почитуваат.
„Во овој случај е извесно дека тие рокови наскоро ќе се исцрпат“, изјави Савески.
На прашањето дали по истекот на притворот би можело да биде побарана друга мерка за обезбедување присуство, тој рече дека такви законски можности постојат, но не сакаше однапред да кажува каква одлука ќе биде донесена.
Според Савески, за евентуалната примена на друга мерка треба да одлучат јавните обвинители кои директно постапуваат по предметот. Тој нагласи дека не сака неговиот став да се сфати како влијание врз нивното одлучување.
Во однос на можниот ризик од бегство по истекот на притворот, Савески повтори дека и обвинителството и судовите мора да се придржуваат до законски утврдените рокови, без оглед на причините поради кои притворот претходно бил определен или продолжен.
На прашањето за дисциплинската постапка поврзана со обвинителот Јован Цветановски, Савески рече дека нема да поднесе жалба, бидејќи рокот за тоа веќе истекол.
Тој ги отфрли и толкувањата дека на прославата по повод Денот на независноста имал привилегирано, односно „почесно“ место во близина на премиерот. Савески објасни дека местото му било определено согласно протоколот на Владата, која била организатор на настанот.
„Воопшто не сметам дека сум почестен или привилегиран во однос на другите гости. Таму точно се знаеше кој каде седи“, рече Савески.