Јавниот обвинител Ненад Савески и претседателот на Адвокатската комора, Лазо Ѓорѓиевски, на денешната средба разговарале за почитувањето на човековите права, стандардите на кривичната постапка и унапредувањето на професионалниот интегритет, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Иако јавните обвинители и адвокатите во судницата имаат спротивставени процесни улоги, тие имаат заедничка одговорност кога станува збор за почитувањето на човековите права и стандардите на кривичната постапка, било заклучено на средбата.
Савески и Ѓорѓиевски упатиле порака за целосна нетолеранција кон корупцијата и за потребата од зголемување на професионалните стандарди и интегритетот.
На средбата било истакнато дека јавните обвинители и адвокатите имаат значајна одговорност за враќањето на довербата на граѓаните во судот и во правосудниот систем воопшто. Со своето постапување во рамките на судската постапка, тие директно влијаат врз угледот на судот и довербата на граѓаните.
Савески и Ѓорѓиевски разговарале и за повеќе прашања од заеднички интерес, при што договориле континуирана соработка, пред сè со цел овозможување поголема ефикасност на постапките.