Вршителот на должноста главен обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Маме Мандиаје Нианг, ги отфрли нападите од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врз институцијата, оценувајќи дека тие произлегуваат од неразбирање на нејзината работа.
Во првото интервју откако ја презеде функцијата, дадено ексклузивно за АФП, Нианг рече дека судот веќе подготвува технички алтернативи во случај САД да воведат нови санкции против МКС.
Вашингтон воведе санкции против повеќе функционери на судот поради издадените налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант.
Нианг во периодов се подготвува да го води најголемиот предмет во историјата на судот – судењето на поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте за наводни злосторства поврзани со неговата кампања против дрогата.
Тој оцени дека фактот што и поранешни моќни државници можат да одговараат за наводни злосторства испраќа силна порака дека никој не треба да биде над правдата.
„На овој или оној начин, сите се одговорни. Се согласуваме дека никој не треба да ја избегне правдата. Тоа е она што го претставуваме ние овде“, рече Нианг.
Тој изрази надеж дека еден ден и Нетанјаху и рускиот претседател Владимир Путин би можеле да се најдат пред судот, откако за нив беа издадени налози за апсење.
„Ништо не е невозможно. Живееме во свет во кој работите што еден ден изгледаат невозможни, веќе следниот ден можат да станат целосно очигледни“, изјави 65-годишниот обвинител.
Нианг остро ги отфрли и обвинувањата од американскиот државен секретар Марко Рубио, кој претходно вети дека МКС ќе биде „расклопен тула по тула“ и го опиша судот како закана за американскиот суверенитет.
„Кога ги слушате сите тие изјави на Рубио, гледате елементи кои очигледно произлегуваат од неразбирање. Немаме интерес, ниту нашата улога е да го нарушуваме државниот суверенитет. Знаеме дека не сме светска полиција“, рече Нианг.
САД не се членка на МКС и никогаш не го ратификувале Римскиот статут со кој е основан судот. Израел, Русија и Кина, исто така, не се членки.
Нианг предупреди дека најголема загриженост претставува можноста за дополнителни санкции, не само против поединци туку и против самата институција, што би можело да влијае врз нејзината способност за работа. Тој откри дека поради американските санкции му е отежнато користењето платни системи, како и извршувањето секојдневни работи, вклучително и резервирање летови и хотели.
Според него, судот веќе бара алтернативни решенија за да ја зачува својата независност и да продолжи со работа дури и во случај на нови санкции.
Нианг ја презеде функцијата во период на сериозна криза за МКС. Неговиот претходник Карим Кан беше отстранет од функцијата поради обвиненија за сексуално злоставување, кои тој ги негира.
„Тоа тешко време сега е зад нас. Мора да се вратиме на работата“, рече Нианг, додавајќи дека институцијата извлекла поуки од кризата.
И покрај американските санкции, повлекувањето на одредени држави и скандалот околу неговиот претходник, Нианг изрази уверување дека МКС може да се опорави.
„Животот на една институција е како човечкиот живот. Ретко кога сè оди мазно. Има пресврти, тешкотии, понекогаш и помали бури... Тешко е, но отсекогаш сум верувал дека можеме да се опоравиме“, рече тој.