Иако украинските градови и населени места со месеци се изложени на интензивни руски ракетни и дронски напади, руската офанзива на фронтот покажува знаци на забавување, анализира француската новинска агенција АФП.
Повеќе од четири години по почетокот на инвазијата, соопштенијата на руското Министерство за одбрана за заземање нови украински населени места стануваат сѐ поретки, додека украинските сили во одредени области успеваат да ги зацврстат своите позиции.
Според анализата на податоците на американскиот Институт за проучување на војната (ISW), во април и мај руската армија изгубила повеќе територии отколку што освоила.
„Напредувањето на руската војска се одвива исклучително бавно“, изјави за АФП рускиот воен аналитичар Александар Храмчихин.
Тој посочува дека масовната употреба на беспилотни летала создала „мртва зона“ долж фронтот, што значително ги отежнува офанзивните операции на двете страни.
Во извештајот на ISW се наведува дека украинските сили во голема мера успеале да ја запрат руската пролетно-летна офанзива.
Наместо големи фронтални напади, Русија сѐ повеќе користи тактика на инфилтрација, испраќајќи мали групи војници зад украинските линии за да обезбедат стратешки позиции до пристигнување на засилувања.
Во меѓувреме, Москва го насочува својот фокус кон освојување на Костјантиновка во Доњецката област, наместо кон пошироки офанзивни операции по целата линија на фронтот.
АФП наведува и дека рускиот претседател Владимир Путин ги намалил своите јавно декларирани воени цели. Откако минатата година изјавуваше дека „целата Украина е руска“, сега главниот акцент го става на целосно заземање на Донбас, односно регионите Доњецк и Луганск.
Од друга страна, и Украина ги ревидираше своите цели. Киев повеќе не инсистира на враќање на границите од пред 2022 година, туку настојува да го замрзне конфликтот по сегашната линија на фронтот.
„Она што сигурно може да се каже е дека ситуацијата за нас повеќе не се влошува“, изјави украинскиот аналитичар Микола Бјелисков.
Поради застојот на фронтот, двете страни сѐ повеќе се потпираат на напади со долг дострел. Русија бележи рекорден број лансирани дронови и ракети кон украинските градови, додека Украина продолжува со напади врз руската нафтена инфраструктура и логистичките линии.
Според Обединетите нации, конфликтот денес е посмртоносен отколку во кој било период од почетокот на руската инвазија во 2022 година, а цивилните жртви продолжуваат да растат.