Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција оцени дека изборниот ден поминал генерално мирно, но биле констатирани сериозни прекршувања на изборниот процес во повеќе општини низ државата.
„Имаме злоупотреба на избирачкиот список, обиди за изборен поткуп, директни закани и уцени, како и кршење на изборниот молк преку агитација и нерегуларности при самото гласање“, рече Димитријевиќ.
Тој наведе конкретни случаи — во Лозово бил спречен обид за поткуп документиран од МВР, а слични обиди се регистрирани и во други места. Во Куманово и Ѓорче Петров имало случаи каде еден гласач добил повеќе ливчиња, а во Ѓорче пет ливчиња му биле дадени од претседателка на избирачко место на нејзиниот сопруг. Во Студеничани членови на избирачки одбори истовремено биле и кандидати на советнички листи на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ пријавил и притисоци и закани кон активисти во Прилеп и Крива Паланка, како и користење на општински објекти за партиски цели во Неготино. Во Богданци, според Димитријевиќ, раководител на ОВР Гевгелија со службено возило на ЈП „Национални шуми“ агитирал за ДПМНЕ.
Покрај тоа, биле забележани случаи на починати лица во избирачкиот список, злоупотреби на полициски службеници во изборни активности, како и поставување роднини на кандидати во општински изборни комисии. Агитација во време на изборен молк, според него, била забележана и во Охрид, Крива Паланка и Прилеп, а во Градско кандидат на ВМРО-ДПМНЕ упатувал закани кон членови на одбори.
Димитријевиќ додаде дека имало и случаи на попречување на работа на новинарски екипи во Карпош, Охрид и Тетово и побара итна реакција од ДИК, Јавното обвинителство и МВР за да се обезбеди одговорност и фер изборен процес.
„Правниот тим на СДСМ подготвува пријави до надлежните институции“, рече тој.
Според досегашните резултати, СДСМ води и очекува победа во седум општини: Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново-Облешево, Кривогаштани и Богданци. Тесна трка се води во Неготино, Валандово, Македонска Каменица и Ранковце, а во Дојран и Лозово се очекува втор круг.
„Во секоја општинска организација имаме подобар резултат од лани и подобри резултати од минатите парламентарни избори“, истакна генералниот секретар на СДСМ.