Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи денеска во Хаг треба да ја слушнат првостепената пресуда во еден од најзначајните судски процеси поврзани со војната во Косово. Обвинителството бара казни од по 45 години затвор, а четворицата поранешни високи функционери на Ослободителната војска на Косово ги отфрлаат обвиненијата. Специјализираните совети на Косово официјално го закажаа изрекувањето за денеска, 16 септември, во 10 часот по средноевропско време.
Тачи, Весели, Селими и Красниќи се обвинети по шест точки за злосторства против човештвото – прогон, затворање, други нечовечки дела, мачење, убиство и присилно исчезнување – како и по четири точки за воени злосторства. Според обвинението, делата биле извршени од март 1998 до септември 1999 година на повеќе локации во Косово, како и во северна Албанија, против стотици цивили и лица кои не учествувале во борбите.
Сите четворица ја негираат вината. Обвинителството, пак, тврди дека доказите покажуваат нивна индивидуална кривична одговорност за дела извршени во рамки на широко распространет и систематски напад врз лица за кои се сметало дека ѝ се противници на УЧК.
Пресудата се очекува во атмосфера на силни политички и општествени тензии. За голем дел од косовските Албанци, Тачи и другите поранешни команданти остануваат симболи на вооружената борба за независност. Илјадници луѓе изминатите денови излегоа на собири во Приштина барајќи ослободителна пресуда.
Поддршка за четворицата беше изразена и во Скопје. На плоштадот „Скендербег“ беше организиран собир на кој присутните носеа маици и транспаренти со нивните ликови и порачаа дека очекуваат да бидат ослободени. На собирот се обрати и поранешниот командант на ОНА и поранешен пратеник Џезаир Шаќири – Хоџа.
Неколку дена претходно, на големиот марш во Приштина присуствуваше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, еден од основачите на УЧК. Тој порача дека маршираат „за слободата и за поддршка на ослободителите“ и дека очекува Тачи, Весели, Красниќи и Селими да бидат прогласени за невини.
Ахмети и претходно јавно зборуваше за можните реакции доколку пресудата биде осудителна. Во октомври минатата година тој предупреди дека никој не може да гарантира оти луѓето кои војувале со обвинетите ќе останат мирни и дека би можеле да се појават групи кои ќе го изразат својот револт.
Пред пресудата тој повторно ја нагласи улогата на Западот во конфликтот, посочувајќи дека УЧК имала поддршка од НАТО и од држави кои сакале да ги запрат насилството и масакрите во Косово.
Аргументот на Ахмети е политички, но судот во Хаг не одлучува за легитимноста на борбата за независност на Косово, ниту за политиката на НАТО во 1999 година. Предмет на постапката се конкретните обвиненија и индивидуалната кривична одговорност на четворицата обвинети. Специјализираните совети наведуваат дека обвинението се однесува на конкретни дела против цивили и лица кои не учествувале во борбите.
Токму тука се судираат двата наратива кои со години го следат процесот. Поддржувачите на поранешните команданти стравуваат дека со пресудата се става знак на еднаквост меѓу УЧК и српските сили, додека семејствата на исчезнатите и жртвите бараат индивидуална одговорност без оглед на страната на која припаѓале сторителите.
Војната во Косово од 1998 и 1999 година однесе околу 13.000 животи, а мнозинството од загинатите биле етнички Албанци. Конфликтот заврши по воздушната кампања на НАТО против силите на тогашна Сојузна Република Југославија и повлекувањето на српските сили од Косово.
Тачи потоа стана една од централните фигури на косовската политика – беше премиер, а подоцна и претседател на Косово. Во 2020 година поднесе оставка откако обвинението против него беше потврдено и беше префрлен во притвор во Хаг. Весели, Селими и Красниќи исто така се во притвор од ноември 2020 година.
Судењето почна на 3 април 2023 година. Во судницата сведочеа 134 сведоци, а во постапката учествуваат и 156 жртви. Доказната постапка беше затворена во декември 2025 година, а завршните зборови беа одржани во февруари годинава. Судот наведе дека обемот на доказите и сложеноста на предметот биле причина за продолжување на времето потребно за донесување на пресудата.
Колкава е чувствителноста на денешниот ден покажуваат и безбедносните предупредувања. Британските власти ги предупредија своите државјани дека на 16 септември се очекуваат големи собири во Приштина и други урбани центри и им препорачаа да се држат подалеку од демонстрации и големи групи луѓе.
Пресудата денеска ќе даде првостепен судски одговор за индивидуалната одговорност на Тачи, Весели, Селими и Красниќи. Но политичките и историските спорови околу УЧК, војната, жртвите и улогата на меѓународната заедница речиси сигурно нема да завршат со читањето на судската одлука.