Поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Хашим Тачи, преку својот адвокат испрати порака до граѓаните на Косово по првостепените пресуди изречени во Хаг, повикувајќи ги да останат смирени.
Неговиот адвокат Лука Мишетиќ ја објави пораката на социјалната мрежа Икс, во која Тачи се заблагодарува за поддршката што тој и поранешните функционери на ОВК Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи ја добиле од граѓаните на Косово и од меѓународната заедница.
„Хашим Тачи сака да ја изрази својата искрена благодарност за големата поддршка што тој, како и Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, ја добија од народот на Косово и од меѓународната заедница и ги повикува граѓаните на Косово да останат смирени како одговор на неправдата“, напиша Мишетиќ.
Специјализираните совети на Косово во Хаг на 16 септември ги прогласија четворицата за виновни за воени злосторства, вклучително и незаконско или произволно апсење и притворање, сурово постапување, тортура и убиство.
Тачи и Јакуп Красниќи добија казни од по 25 години затвор, Кадри Весели беше осуден на 18 години, а Реџеп Селими на 13 години затвор. Во казните ќе биде засметано и времето што обвинетите го поминале во притвор.
Судскиот совет утврдил дека четворицата се кривично одговорни за воени злосторства врз лица кои биле незаконски лишени од слобода, сурово третирани, мачени или убиени. Во исто време, тие беа ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото, бидејќи обвинителството не успеало да ја докаже надвор од разумно сомневање пошироката или систематската природа на нападот врз цивилното население.
Одбраната на Тачи најави дека ќе ја обжали пресудата. Мишетиќ изјави дека одбраната смета оти во текот на судската постапка биле направени значајни правни и фактички грешки.
Адвокатот исто така наведе дека според одбраната, одредени постапки на судот ја надминале вообичаената рамка за утврдување на фактите и создале сомнеж во непристрасноста на постапката. Според него, овие забелешки се одразиле и врз конечниот наод на судскиот совет.
Судењето против Тачи, Весели, Селими и Красниќи започна во април 2023 година. Доказната постапка заврши во декември 2025 година, а завршните зборови беа одржани во февруари 2026 година.
Во текот на процесот биле разгледани искази на 273 сведоци и 5.467 доказни материјали. Пресудата е првостепена, што остава можност за продолжување на постапката преку жалбените механизми.