Нов електронски регистар на сите здравствени работници во земјава ќе стане основна алатка при вработување во здравствениот систем, а одлуките за нови кадри повеќе нема да зависат од лична проценка, туку од реалните потреби на терен, најавуваат од Министерството за здравство. Регистарот веќе е објавен на интернет и, како што се најавува, ќе биде задолжителна референтна база – дури ни министерот нема да може да даде позитивно мислење за некој профил, доколку тоа не произлегува од податоците во системот.
Министерот за здравство Азир Алиу објаснува дека во одредени делови од системот има натрупување на лекари од поединечни специјалности, додека во други установи исти такви профили недостасуваат.
„Имате случаи каде на едно место работат пет лекари од иста област, а според потребите доволни се тројца. Двајца од нив би можеле да бидат ангажирани таму каде што навистина има дефицит“, посочува тој. Законот, сепак, не дозволува насилно прераспоредување на вработен со важечки договор, па во Министерството најавуваат дека ќе се обидат да ги мотивираат префрлањата со посебни стимулации.
Преку регистарот, за секоја општина и за секој профил на здравствен кадар е добиена јасна слика за бројот на лекари, медицински сестри и други стручни лица. Анализата покажува дека и понатаму постои недостиг на лекари и сестри, а растот на кадарот во последната деценија е минимален.
Податоците за медицинските сестри покажуваат дека од 356 на 100.000 жители пред десет години, бројката во 2020 година е порасната на 440 на 100.000 жители – што, како што укажува Алиу, сè уште е само половина од просекот во Европската Унија. Министерството располага со прецизни бројки колку кардиолози, анестезиолози, медицински сестри и други профили недостигаат во државата, а идните огласи за специјализации, како што најавува министерот, нема да се објавуваат само по барање на одредена општина, туку ќе мора да се вклопат во оваа матрица на потреби.
Според најновите податоци, во државата има вкупно 3.779 здравствени установи. Во мрежата на здравствени установи се вклучени 2.942 – од нив 2.830 се приватни, а 112 јавни. Во јавниот сегмент влегуваат 108 јавни здравствени установи и уште четири институции кои обезбедуваат јавни здравствени услуги, како Воениот медицински центар, МАНУ и Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет. Надвор од мрежата функционираат уште 837 здравствени субјекти.
Вкупниот број на вработени во здравството, и во јавниот и во приватниот сектор, изнесува 32.383 лица. Од нив 18.536 работат во јавните здравствени установи, а 13.847 во приватните. Во вкупната слика, 9.040 се лекари и членови на тимови во приватното здравство, додека 4.807 се други профили вработени во приватни здравствени установи. На секундарно и терциерно ниво се ангажирани 4.746 здравствени работници, а во јавните установи има 7.003 медицински сестри.
Министерството за здравство првпат систематски ја анализирало состојбата со човечките ресурси и во јавниот и во приватниот сектор. Во обработката на податоците биле вклучени информации од повеќе институции: Централниот регистар, Агенцијата за вработување, Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора, Управата за електронско здравство и Фондот за здравствено осигурување. Според ресорот, оваа база треба да стане основа за планирање на кадарот и за порамномерна распределба на здравствените работници низ државата.