Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска ја прими Ана Стојаноска – уметничка директорка на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, театролог, писателка и редовна професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
На средбата, Стојаноска детално ја запозна претседателката со програмата на 60. јубилејно издание на фестивалот, кое ќе се одржи во јуни следната година под мотото „Храбриот нов театар“.
Импресионирана од иновативноста и концептот на фестивалот, Сиљановска-Давкова со задоволство прифати да биде покровителка на јубилејното издание.
Во разговорот, двете соговорнички размениле мислења за современата македонска драматургија, значењето на актерите во нејзиниот развој, како и за хроничните проблеми со кои се соочуваат театрите во земјава – од просторните и техничките, до финансиските предизвици.
И покрај тешкотиите, заеднички заклучиле дека театарот мора да остане жив и витален, со јасна мисија да ја поттикне љубовта кон уметноста кај младите и децата.
Претседателката изразила уверување дека знаењето, професионалноста, храброста и ентузијазмот на Ана Стојаноска и нејзиниот тим се гаранција за незаборавен фестивал, кој заслужува институционална и финансиска поддршка.