Сипаниците кај овците предизвикуваат големи материјални штети и ја загрозуваат егзистенцијата на десетици сточари во земјава. Од Здружението на сточари алармираат дека состојбата на терен е критична, додека реакцијата на надлежните институции ја оценуваат како задоцнета.
Според претседателот на Здружението на сточари, Насер Џемаили, штетите веќе го зафатиле источниот дел од земјата, каде што повеќе од 100 сточари ги изгубиле своите цели стада.
Од друга страна, заменик-министерот за земјоделство, Албрим Хоџа, вели дека бројот на активни жаришта е намален од 30 на 11. Тој објаснува дека од Турција се побарани 500 илјади дози вакцини, но процесот на вакцинација засега е во мирување поради координацијата со Европската Унија и ризикот од ограничување на извозот на месо.
И покрај предупредувањата дека вакцинацијата може да доведе до забрана за извоз на месо, сточарите инсистираат таа да започне веднаш, бидејќи зачувувањето на стадата го сметаат за приоритет.
Сериозна состојба има и во Грција, каде што се соочуваат со една од најголемите сточарски кризи. Таму се потврдени илјадници жаришта, од регионот Еврос на истокот до Пелопонез, што довело до уништување на повеќе од 400 илјади грла добиток.
За да се спречи понатамошното ширење на сипаниците во регионот, Европската комисија воведе строги рестриктивни зони во Грција, затворање на кланиците и забрана за движење на месо и млеко.
Состојбата во соседството е дополнително предупредување за земјите во регионот доследно да ги применуваат мерките за карантин, контрола и спречување на ширењето на сипаниците кај овците.