Судењето за случајот „Штекли“, во кој повеќе лица се товарат за организирана продажба на дрога, продолжува денеска во Основниот кривичен суд Скопје со сведочење на вешти лица на Обвинителството за психолошката состојба на обвинетиот Раде Трајковски.
На претходното рочиште сведочеше вештакот на одбраната, психијатарот Ѓорѓија Хаџи Ангелковски, кој оцени дека Трајковски – Штекли покажува психотични симптоми со шизофрени карактеристики. Според него, обвинетиот верува во реинкарнација и фиктивни личности што му „наредуваат“ како да постапува, поради што одбраната смета дека не е способен да ја следи постапката.
Судијата Илија Трпков најави дека ќе ги соочи вештаците на Обвинителството и одбраната пред да одлучи дали ќе се прифати едно од вештачењата или ќе се нареди ново.
Обвинението на Обвинителството за гонење на организиран криминал опфаќа 10 лица. Првично, во предметот биле опфатени 16, но седум склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.
Четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков – поднесоа предлог за признавање вина, по што судот донесе решение за раздвојување на постапката.
Според обвинителството, групата била добро организирана, со јасни улоги во набавката и продажбата на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана.
Комуникацијата се одвивала преку апликацијата Snapchat, а клучни докази биле обезбедени преку системот „Cellebrite“ за анализа на мобилни телефони, донација од САД.