Судскиот процес против поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир“ доби нов тек откако дел од кривичните дела за кои беше обвинет застареа. Груевски повеќе не се гони за злоупотреба на службената положба и овластување, која се однесуваше на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, но кривичниот прогон за перење пари продолжува, потврди јавната обвинителка Ленче Ристоска.
До судот е доставено изменето обвинение, откако беше утврдено дека предикатното кривично дело е застарено поради истек на законските рокови и измените на Кривичниот законик од 2023 година. И покрај тоа, според законските одредби и воспоставената судска пракса, нема правни пречки за продолжување на постапката против Груевски и неговиот соучесник Кирил Божиновски за делото перење пари.