„Снепчет“ се приклучи на сè поголемиот број дигитални платформи што преземаат мерки против содржините целосно создадени со вештачка интелигенција, кои сè почесто го преплавуваат интернетот.
Компанијата „Снеп“ соопшти дека во својата секција „Спотлајт“ повеќе нема да препорачува видеа што во целост се генерирани со алатки за вештачка интелигенција. Наместо тоа, предност ќе имаат автентични содржини создадени од луѓе.
Сепак, платформата нема целосно да ја забрани употребата на вештачката интелигенција. Корисниците и понатаму ќе можат да користат АИ-алатки за уредување и подобрување на фотографиите и видеата, но содржините што се целосно автоматски генерирани ќе бидат помалку препорачувани.
Од компанијата наведуваат дека ваквите видеа најчесто се со понизок квалитет, повторувачки и не се она што корисниците сакаат да го гледаат.
Во слична насока неодамна тргнаа и „Јутјуб“, „Линкедин“ и „Сабстек“. „Линкедин“ воведе можност корисниците да пријавуваат објави и коментари за кои се сомневаат дека се создадени со вештачка интелигенција, а компанијата соопшти дека секојдневно блокира стотици илјади обиди за автоматизирано објавување коментари.
Во меѓувреме, „Јутјуб“ ги измени правилата за монетизација и повеќе нема да дозволува заработка од генерички, повторувачки и шаблонски видеа, кои најчесто се создаваат со генеративна вештачка интелигенција.
Истражувањата покажуваат дека растечкиот број содржини создадени со вештачка интелигенција ја намалува довербата на корисниците во информациите што ги гледаат на интернет, поради што технолошките компании сè повеќе се насочуваат кон промовирање автентични содржини создадени од луѓе.