Соединетите Американски Држави го засилиле притисокот врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да прифати брз мировен план на претседателот Доналд Трамп, кој подразбира значајни територијални отстапки од Украина, изјавија за „Аксис“ двајца украински претставници.
Според нив, од Киев се бара да се согласи на губење дел од територијата и други сериозни концесии, без да добие цврсти безбедносни гаранции.
Украинската страна смета дека актуелниот американски предлог во клучни сегменти ѝ оди во прилог на Москва и дека Вашингтон врши многу посилен притисок врз Зеленски отколку врз рускиот претседател Владимир Путин. Американски претставник го негира ова, тврдејќи дека САД подеднакво притискале и врз Путин да ги намали своите барања.
Во меѓувреме, Зеленски оваа недела разговара со повеќе европски лидери кои му порачуваат дека Украина не смее да попушти ниту пред Путин, ниту пред Трамп. Во фокусот на преговорите се две прашања: руското барање Украина да ја отстапи целата област Донбас, вклучувајќи ги и деловите што руските сили не ги контролираат, и украинското барање за силни безбедносни гаранции од САД за да се спречи нова руска агресија.
Трамп: Зеленски не го прочитал нашиот план
Еден украински претставник изјави дека американската понуда дополнително се влошила од перспектива на Киев по петчасовната средба во Кремљ минатата недела меѓу советниците на Трамп, Стив Виткоф и Џеред Кушнер и Владимир Путин. Според неговите зборови, Виткоф и Кушнер во двочасовниот телефонски разговор со Зеленски во саботата очекувале јасен и брз позитивен одговот на планот.
„Стекнавме впечаток дека САД на различни начини се обидуваат да ни ја продадат руската желба да го преземе целиот Донбас, и дека Американците сакаат Зеленски веднаш да го прифати тоа за време на телефонскиот разговор,“ изјави украински претставник.
Телефонскиот разговор уследил по три дена интензивни преговори во Мајами меѓу Виткоф, Кушнер и советниците на Зеленски. Иако, според американски и украински извори, имало одреден напредок, не бил постигнат пробив во делот на територијалните прашања и безбедносните гаранции.
Трамп во неделата изјави дека украинската преговарачка екипа „го сака“ американскиот план и дека е „малку разочаран“ што Зеленски, според него, сè уште не го прочитал. Тој исто така тврдеше дека Русија е „задоволна“ од предлогот, иако руските претставници јавно нагласуваат дека имаат сериозни забелешки.
Луѓе на Трамп го притискале Зеленски по телефон да го предаде Донбас
Според американски и украински извори, Зеленски за време на разговорот рекол дека американскиот предлог го добил само еден час порано и дека немал време да го прочита. Американски претставник наведе дека тоа е збунувачко, бидејќи ажурираната верзија била испратена ден претходно, додека украинската страна тврди дека дел од документите навистина пристигнале порано, но дека клучните делови биле доставени веднаш пред разговорот.
Украински претставник рече дека новиот американски предлог содржи построги услови од претходните, особено во однос на територијата и контролата врз нуклеарната електрана Запорожје, и дека не нуди јасни одговори за безбедносните гаранции. „Постојат клучни територијални прашања за кои мора дополнително да се преговара: кој што контролира, кој каде останува, кој се повлекува и, доколку Украина се повлече од линијата, како ќе се гарантира дека Русија ќе го направи истото и нема да продолжи со борбите,“ рече тој.
И покрај тоа, истите извори тврдат дека американската страна се однесувала како да очекува Зеленски едноставно да се согласи на сè за време на телефонскиот повик. Американски претставник возвратил дека актуелниот предлог во голем дел е обликуван и врз основа на украинските предлози и дека Кушнер и Виткоф вршеле притисок врз Путин да прифати дел од украинските барања.
Зеленски му испраќа алтернативен план на Трамп
Американски и украински претставници наведуваат дека Трамповата администрација наводно го толкувала состанокот на Зеленски во кабинетот на британскиот премиер како обид за одолговлекување на процесот. Украинската страна, пак, смета дека САД се обидуваат да го оддалечат Зеленски од европските партнери за полесно да вршат притисок врз него.
„Зеленски не може да донесе толку драматични одлуки без да се консултира со клучните европски партнери,“ изјави украински претставник, додавајќи дека додека САД бараат брза одлука, европските лидери препорачуваат внимателност и трпение, што создава фрустрации во Белата куќа.
Зеленски изјави дека Украина и европските држави во вторник ќе ѝ достават на САД ажуриран противпредлог. „Русија инсистира да се откажеме од територии. Ние тоа не го сакаме. Затоа и се бориме. Американците во моментов бараат компромис,“ рече тој.