Срнакот Мартин, за чие спасување се бореа активисти и ветеринарен тим, почина од тешките повреди здобиени по ударот, информираа од „Animal Voice“.
Како што наведуваат од организацијата, доцна попладнето состојбата на Мартин се влошила, по што бил итно пренесен во хируршка сала. Ветеринарниот тим веднаш започнал со интервенција и борба за неговиот живот, но поради тешките повреди и крварењето во абдоменот, и покрај долгата реанимација, не успеале да го спасат.
Мартин стана познат во јавноста, а голем број граѓани го следеа случајот и упатуваа поддршка и помош за неговото лекување. Од „Animal Voice“ им се заблагодарија на сите кои се вклучија и се надеваа на негово закрепнување.
По трагичниот исход, од организацијата повторно упатија апел до институциите за формирање центар за рехабилитација и третман на диви животни, кој, како што посочуваат, во земјава сè уште не постои.
Од „Animal Voice“ велат дека ваков центар е неопходен за дивите животни кои се повредени и имаат потреба од итна стручна помош, наместо грижата за нив да паѓа исклучиво на активистите за заштита на животните.
Поради тешките сцени од случајот, организацијата најави дека наместо фотографии од повредениот Мартин ќе објави слика создадена со вештачка интелигенција, како симбол на борбата на сите кои се обидоа да го спасат.