Срната која била удрена на патот кон Кичево е хоспитализирана и се наоѓа во животозагрозувачка состојба, информираат од здружението „Анимал воис“, од каде што објавија детали за нејзините повреди и апелираа за помош за лекувањето.
Ветеринарниот тим веднаш презел мерки за нејзино стабилизирање, а прегледите покажале сериозни повреди. Срната има скршеници на вилицата и задната нога, тешка траума, крвавење во белите дробови и стомачна кила.
Од здружението велат дека на срната ѝ го дале името Мартин и дека ќе направат сѐ што е можно за да ја спасат.
Во текот на ноќта таа ќе остане во ветеринарната клиника под постојан надзор, а поради сериозноста на повредите ќе прима лекови против болка. Доколку состојбата ѝ биде стабилна, утре ветеринарниот тим повторно ќе ја процени и, доколку постојат услови, веднаш ќе биде оперирана.
Според објавените информации, доколку лекувањето се одвива успешно, ќе бидат потребни повеќе хируршки зафати на вилицата и ногата.
Од „Анимал воис“ упатија и апел за финансиска помош за покривање на досегашните трошоци, но и за лекувањето и операциите што би следувале.
Тие им се заблагодарија на сите кои учествувале во спасувањето и транспортот на повреденото животно, меѓу кои ветеринарната клиника, претставник од Агенцијата за храна и ветеринарство, активисти, ловното здружение од Кичево и повеќе лица кои помогнале во организацијата и транспортот.
Од здружението посочуваат и дека активистите кои излегле на местото првично не успеале да ја спасат срната поради, како што тврдат, пречки од полицијата. За ова тврдење во објавата не се наведени дополнителни детали.