Студентот Мајлс Кван стана симбол на растечкото незадоволство во Хонг Конг откако беше уапсен веднаш по иницирањето петиција со која се бараа одговори за разорниот пожар во Тај По, трагедија што усмрти најмалку 159 лица и расели илјадници жители. Пожарот го проголта густо населеното стамбено подрачје, а прашањето како пламенот се проширил со толку невидена брзина стана централна тема во јавноста.
Кван е уапсен под сомнение за поттикнување побуна, по што е пуштен да се брани од слобода. Полицијата за национална безбедност соопшти дека „секоја постапка се процесира согласно законот и околностите“, а властите предупредија дека одредени групи наводно се обидуваат да ја „искористат трагедијата за загрозување на националната безбедност“.
Петицијата што Кван ја отвори собра повеќе од 10.000 потписи за помалку од едно деноноќие, пред да биде избришана. За дел од јавноста, неговото приведување е уште едно предупредување за стеснувањето на просторот за слободно изразување, додека властите инсистираат дека станува збор за „заштита на правниот поредок“ во момент кога градот се соочува со тешка криза.
Неколку дена по пожарот, лидерот на Хонг Конг, Џон Ли, најави формирање независен истражен одбор, ревизија на градежните стандарди, привремен сместувачки капацитети и финансиска помош за погодените семејства – мерки што беа клучни точки во петицијата на Кван.
„Зачудувачки е што тој е уапсен за поставување прашања што ги споделуваат илјадници граѓани, а властите потоа ги усвоија“, оцени активистот Семјуел Чу, кој ја репостираше петицијата на друга платформа.
Властите тврдат дека одредени формулации од петицијата „имитирале“ протестни слогани од 2019 година и можеле да поттикнат нарушување на јавниот ред, поради што, како што наведуваат, морале да реагираат.
Паралелно со притисокот врз активистите, уапсени се и 15 лица – претежно раководители и вработени во градежни компании – под сомнение за убиство од небрежност, поради пропусти што наводно придонеле за брзото ширење на пожарот. До овој момент ниту еден државен функционер не поднел оставка.
И покрај повиците за итна парламентарна расправа за трагедијата и работата на службите за итни интервенции, владата го одби предлогот со образложение дека приоритет е целосната истрага. „Да, ова е трагедија и да, потребни се промени. Но мораме сериозно да ги затвориме сите пропусти за да спречиме вакво нешто да се повтори“, изјави Ли.