Кандидатката за градоначалничка на Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, на денешната прес-конференција оцени дека жителите на Трубарево се оставени сами да се справуваат со последиците од опасниот пожар што избувна во саботата. Таа посочи дека граѓаните сè уште немаат информација какви токсини вдишувале и дали е безбедно да се движат надвор.
Шукова додаде дека одлуката децата од Трубарево да следат онлајн-настава создава уште поголема збунетост, бидејќи не нуди одговор колку е загаден воздухот и каква е реалната опасност по нивното здравје и еколошка безбедност. Наместо брзи и ефикасни мерки за заштита на населението, според неа, институциите на локално ниво покажале целосна неодговорност и потфрлање.
Таа нагласи дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ немаат утврден протокол за справување со еколошки хаварии. Според неа, и локалната и централната власт реагирале дури по силен притисок од јавноста и медиумите. „Не беше јасно кој носи одлуки – општината, градот или централната власт, но откако жителите на Трубарево се изнадишаа токсичен чад, вечерта сите се појавија за да се сликаат“, рече Шукова.
Во врска со присуството на градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, таа праша во кое својство бил во Трубарево. „Јавноста не виде како помогнал во справувањето со еколошката катастрофа, но сите видоа дека дошол на сликање“, истакна таа.
Шукова потсети дека Град Скопје и Општина Гази Баба биле првите што имале обврска да реагираат, но нивната пасивност и незаинтересираност, како што рече, најдобро ја отсликува неспособноста на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ да се справи со кризни ситуации.
„Опасните пожари од депониите веќе не се проблем само на една општина, туку проблем на целиот град. Повеќе не смее да се чека, населението мора да биде заштитено. Јас кажав дека имам план – и краткорочни и долгорочни мерки за решавање на депониите и отпадот. Ова не е политика, туку конкретни чекори што мора веднаш да се спроведат за Скопје да стане поздрава и побезбедна средина за сите жители“, изјави Шукова.