Со инвестиција од 41 милион денари, Старата чаршија во Гевгелија доби нов изглед, но ја задржа својата автентичност и препознатливиот дух. Денеска свечено беше отворена реконструираната чаршија, која повторно треба да биде значаен дел од културниот и туристичкиот живот на градот.
На отворањето присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и министерот за култура и туризам Седат Сулејмани.
Во рамките на проектот се реставрирани фасадите на дуќаните, поставено е ново гранитно поплочување, а просторот е опремен со урбана опрема и ново осветлување. Целосно е реконструирана и подземната инфраструктура.
Старата чаршија од 2004 година е регистрирана како споменик на културата, а според Сулејмани, нејзината обнова е пример како културното наследство може да се зачува, но и повторно да се стави во функција на граѓаните и посетителите.
„Денеска, овде во Старата чаршија во Гевгелија, зборовите ги заменуваме со резултати. Наша обврска е да го зачуваме културното наследство, но и да му дадеме нов живот и нова вредност“, истакна Сулејмани.
Тој порача дека целта е историските простори да не останат само сведоштва за минатото, туку да се претворат во живи културни и туристички места.
„Старата чаршија денеска е обновена, но уште поважно е што таа повторно живее“, порача министерот за култура и туризам.