Светската здравствена организација (СЗО) објави нови препораки за намалување на ризикот од деменција, наведувајќи дека до 45 проценти од случаите би можеле да се спречат или одложат со промена на животните навики и навремена контрола на факторите на ризик.
Деменцијата е состојба предизвикана од заболувања на мозокот која влијае врз меморијата, размислувањето и способноста за секојдневно функционирање.
Според податоците на СЗО, повеќе од 57 милиони луѓе во светот живеат со деменција, а секоја година се дијагностицираат речиси 10 милиони нови случаи. Најчеста форма е Алцхајмеровата болест, која сочинува меѓу 60 и 70 проценти од сите случаи.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, истакна дека денес науката многу подобро ги познава факторите што го зголемуваат ризикот од деменција.
„Денес знаеме повеќе од кога било за факторите што го зголемуваат ризикот од деменција, а новите препораки ги претвораат тие сознанија во конкретни мерки што земјите можат веднаш да ги применат за да го заштитат здравјето на мозокот на своите граѓани“, изјави Гебрејесус.
Новите препораки се темелат на најновите научни докази и опфаќаат редовна физичка активност, престанок со пушење, ограничување или избегнување алкохол, здрава и разновидна исхрана, одржување активен општествен живот, ментална стимулација и вежби за мозокот, како и намалување на изложеноста на загаден воздух.
Посебен акцент е ставен и на контролата на хроничните заболувања, како што се висок крвен притисок, дијабетес и покачен холестерол, бидејќи нивното навремено и правилно лекување може значително да го намали ризикот од развој на деменција.
Кај лицата со оштетен слух, СЗО наведува дека користењето слушни помагала исто така може да биде дел од стратегијата за зачувување на когнитивното здравје.
Од друга страна, организацијата не препорачува земање витамин Б, витамин Е, омега-3 масни киселини или мултивитамински препарати за превенција на деменција кај лица кај кои не е утврден недостаток на овие хранливи материи.
Според експертите, во моментов нема доволно силни научни докази дека овие додатоци во исхраната имаат корист што ги надминува можните несакани ефекти.
Покрај влијанието врз здравјето, деменцијата претставува и сериозен економски товар. СЗО проценува дека глобалните трошоци поврзани со ова заболување достигнуваат околу 1,3 билиони американски долари годишно, при што речиси половина од нив се однесуваат на неплатената грижа што ја обезбедуваат членовите на семејството и блиските.
Од Светската здравствена организација порачуваат дека усвојувањето поздрав начин на живот и навременото контролирање на ризик-факторите може да помогне луѓето подолго да го зачуваат здравјето на мозокот, самостојноста и квалитетот на животот.