Спасувачките операции на тибетската страна од границата меѓу Кина и Непал се одвиваат во исклучително тешки услови поради дождот, нестабилното време и тешко пристапниот планински терен.
Кинеската државна телевизија CCTV објави дека во делови од округот Ѓиронг калта достигнува длабочина од речиси 1,5 метри, а погоденото подрачје се протега околу 2,5 километри од граничниот премин.
Регионот е опкружен со високи планини и длабоки долини, што дополнително го отежнува движењето на спасувачките екипи. Новите врнежи би можеле да го зголемат ризикот од нови одрони и поплави.
Метеоролозите очекуваат дожд и во следните три дена на подрачјето меѓу граничниот премин Ѓиронг и аеродромот Дингри. Пристапот е отежнат и поради тесните планински патишта, по кои тешко можат да се движат големи возила и тешка механизација.
Во меѓувреме, непалската армија соопшти дека седум лица кои останале заробени во тунел на хидроцентрала во Хаку, во округот Расува, биле спасени живи. Спасувачките екипи се обидуваат да стигнат и до лица кои се заробени во уште три тунели.
Од областа Тимуре досега безбедно биле евакуирани 95 лица. Меѓу нив се и 21 индиски турист со кои претходно бил изгубен контакт.
Непалската агенција за управување со катастрофи NDRRMA соопшти дека на поплавените подрачја досега се пронајдени 165 тела, а идентификацијата на загинатите сè уште трае. Податоците се засноваат на информации од локалните власти и центрите за итни случаи.
Агенцијата наведе и дека во моментов не може да се воспостави контакт со 85 припадници на службите за итни случаи и безбедност. Поплавите предизвикале сериозни оштетувања на мостовите и патиштата, а властите сè уште ги утврдуваат вкупните размери на штетата.
Непалските служби за управување со катастрофи соопштија дека пред поплавите испратиле речиси 680.000 предупредувачки СМС-пораки до жителите на загрозените подрачја. Предупредувањата започнале да пристигнуваат вчера во 9:15 часот по локално време, а вкупно биле испратени 679.295 пораки.
Жителите на градовите и селата долж реките Боте Коши и Тришули биле повикани постепено да ги напуштат загрозените подрачја и да се засолнат на побезбедни места.