Компанијата ТИТАН Усје со јавно соопштение реагира на обвинувањата дека е еден од причинителите за лошиот квалитет на воздухот во Скопје, нагласувајќи дека целосно ја разбира загриженоста на јавноста, но дека ваквите тврдења не се засноваат на факти, научни податоци и мерливи показатели.
Од компанијата истакнуваат дека ТИТАН Усје работи согласно најдобрите достапни техники во цементната индустрија и применува технологија која е на исто ниво со водечките компании во Европската Унија. Според нив, сите обвинувања дека нивното работење придонесува за загадувањето се неосновани и невистинити, а компанијата повторно, како и во минатото, се користи како изговор за проблем кој има други причини.
Како што наведуваат, независни домашни и странски научни истражувања укажуваат дека квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопската Котлина е силно условен од метеоролошките фактори, како што се температурната инверзија, високата влажност и слабата циркулација на воздухот. Од антропогените извори, според тие анализи, многу поголемо влијание имаат затоплувањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено, отколку индустриското производство.
Во соопштението се нагласува дека работењето на ТИТАН Усје е под постојан надзор на Државниот инспекторат за животна средина. Последниот редовен инспекциски увид бил извршен на 18 декември 2025 година, кога повторно било утврдено дека нема отстапувања од законски дозволените емисиски лимити. Дополнително, во ноќните часови на 18 ноември бил спроведен и ненајавен инспекциски надзор, при што било констатирано дека сите измерени вредности се во рамките на дозволеното.
Компанијата потсетува дека податоците од мерењата јасно покажуваат отсуство на корелација меѓу нејзиното работење и загадувањето во градот. Во зимските месеци, кога загаденоста е највисока, фабриката врши редовни годишни ремонти и печките не работат, додека во лето, кога производството е со полн капацитет, квалитетот на воздухот е значително подобар. Истовремено, загадувањето во овој период е високо и во други градови во земјата каде што нема индустриски капацитети.
ТИТАН Усје поседува А-интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, врз основа на која е обврзана да врши 24-часовен континуиран мониторинг на издувните гасови. Мерењата се вршат со сертифицирани системи од германскиот производител SICK, редовно калибрирани и контролирани од независни овластени компании. Според компанијата, сите податоци покажуваат дека граничните вредности на емисии не се надминуваат, а кај дел од параметрите се и повеќекратно пониски од законски дозволените.
Дополнителни контролни мерења, кои ги спроведуваат независни лаборатории, исто така не покажале отстапувања од дозволените лимити. Компанијата нагласува дека располага со модерен и високо ефикасен систем за филтрирање, со илјадници филтер-вреќи кои ја задржуваат прашината и ја враќаат во производствениот процес. Тврдењата дека филтрите се исклучуваат ги оценуваат како целосно неточни, бидејќи тие се составен и задолжителен дел од производната линија.
Од ТИТАН Усје порачуваат дека ќе продолжат да работат транспарентно и согласно законските норми, со отвореност кон јавноста. Како што наведуваат, сите заинтересирани граѓани и правни субјекти можат да ја посетат компанијата и директно да се информираат за технологијата, процесите и мерките за заштита на животната средина што се применуваат.