Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку објава на социјалните мрежи реагираше на најавената интерпелација против него, оценувајќи дека станува збор за координиран политички напад од страна на СДСМ, ДУИ и Левица.
Тошковски посочи дека на денешните пратенички прашања СДСМ повторно барала негова оставка, ДУИ отворала етнички прашања, а Левица ја најавила третата интерпелација против него за помалку од две години.
Според него, трите партии, иако јавно се претставуваат како различни и спротивставени, денес дејствувале усогласено со една цел – напад врз него како министер.
„Интерпелацијата е демократско право на опозицијата и јас тоа право целосно го почитувам. Ниту сум бегал, ниту ќе бегам од расправа. Аргументите ќе ги соочам во Собранието, јавно, пред пратениците и граѓаните“, напиша Тошковски.
Во објавата тој оцени дека Левица станува „најкорисен сојузник на СДСМ и ДУИ“, додавајќи дека партијата, наместо алтернатива, според него, се претворила во политички партнер на истите структури што претходно ги критикувала.
Тошковски порача дека зад интерпелацијата стои обид да се закочи, како што вели, процесот на расчистување со криминалот, корупцијата и неказнивоста.
„Не се напаѓа оној што е неважен, се напаѓа оној што менува нешто. Јас ќе продолжам да работам, ќе продолжам да се борам со аргументи и со резултати“, истакна министерот.
Тој додаде дека конечниот суд за неговата работа ќе го дадат граѓаните.