Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски беше прашан дали ќе биде санкциониран Миленко Неделковски, откако на интернет се појавија фотографии на кои тој уринира на трибина, што Неделковски потоа го потврдил и самиот на социјалните мрежи.
Новинарот Фуркан Салиу го праша Тошковски дали за ваквото однесување треба да следува казна согласно Законот за чистота, особено имајќи предвид дека станува збор за човек близок до власта.
Тошковски во одговорот порача дека секој што ќе прекрши закон треба да биде санкциониран, без оглед на тоа за кого станува збор.
„Секој што згрешил и сторил кривично дело, прекршок или било каков друг тип незаконитост, треба да биде санкциониран. Нема друга порака за никого. Не знам за кого точно зборувате, ама никогаш нема друга порака“, одговори Тошковски.
Со тоа, министерот не даде конкретен одговор дали токму Неделковски ќе биде казнет, но нагласи дека ставот е ист за секого – доколку е утврдено дека е сторен прекршок или друг вид незаконитост, треба да следува санкција.