Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека најголемата закана за трансатлантската заедница не доаѓа од надворешни непријатели, туку од внатрешното разединување на сојузот. Во објава на социјалните мрежи, тој оцени дека постои опасен тренд на постепено распаѓање на партнерството и повика на заеднички напори за негово надминување.
Изјавата доаѓа во период на засилени тензии во рамките на НАТО, особено поради несогласувањата околу американско-израелскиот воен ангажман против Иран.
Дополнителен притисок врз односите предизвика најавата на САД за повлекување на околу 5.000 американски војници од Германија. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно посочи дека размислува за намалување на военото присуство во земјата, откако германскиот канцелар Фридрих Мерц ја критикуваше американската стратегија во конфликтот со Иран.
Трамп изрази незадоволство и од позициите на Италија и Шпанија, најавувајќи дека е можно повлекување на американски сили и од тие земји. Според него, дел од европските партнери не покажале доволна поддршка во актуелната криза.
Овие случувања дополнително ги продлабочуваат разликите меѓу сојузниците и отвораат прашања за иднината на трансатлантските односи.