Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се соочува со силен притисок од УЕФА, откако ја повлече контроверзната идеја за продажба на дел од правата за Светското првенство на приватни инвеститори.
Иако европската фудбалска организација го поздрави повлекувањето на предлогот, оцени дека тоа не е доволно и побара одговорност за начинот на кој бил подготвен.
Во соопштение УЕФА наведува дека не може да се продолжи со „тајни планови што се избрзани, смислени од анонимни лица и со сомнителна корист за спортот“, додавајќи дека мора да се утврди кој е одговорен и да сноси последици.
Од организацијата предводена од Александар Чеферин истакнаа дека во наредните денови и недели, во соработка со другите континентални конфедерации, ќе спроведат детална анализа за тоа како дошло до оваа ситуација и ќе предложат механизми за да се спречи нејзино повторување.
„Сегашното раководство на ФИФА ја изгуби довербата не само на УЕФА, туку и на многу други членови на фудбалската заедница“, се наведува во реакцијата.
Според медиумските извештаи, доколку Инфантино не се повлече сам, можно е да биде покренато и прашање за доверба кон првиот човек на ФИФА.
Контроверзниот предлог предвидуваше финансиски пакет од 8,7 милијарди евра, кој требаше да стапи во сила од 1 јануари 2027 година, додека актуелната програма „ФИФА Форвард“ останува во сила со вредност од 2,7 милијарди долари.