Во одговор на прашање на Скопје1, Управа за јавни приходи информира дека Даночниот инспекторат во изминатиот период во повеќе наврати спровел теренски контроли на божиќниот базар Зимзоленд, постапувајќи согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања.
При контролите, според УЈП, биле утврдени неправилности кај повеќе правни субјекти, кои се однесувале на неиздавање фискални сметки и неуредно водење на книгата за дневно-финансиски извештаи. Кај едно правно лице била изречена втора глоба за неиздавање фискални сметки, по што, согласно законските одредби, следи мерка запечатување.
Во рамки на контролите биле затекнати и физички лица кои продавале храна и ракотворби на тезги. Овие лица доставиле документација дека поднеле барање до УЈП за паушално оданочување, но, како што информираат од Управата, согласно член 29 став 4 од Законот за данок на личен доход, сите барања биле одбиени бидејќи не биле исполнети условите за паушално оданочување, со исклучок на барањето за продажба на ракотворби.
За утврдената состојба кај физичките лица, од УЈП посочуваат дека се известени надлежните институции за понатамошно постапување, меѓу кои Агенција за храна и ветеринарство и Државен пазарен инспекторат, со цел преземање соодветни мерки во рамки на нивните надлежности.
Од Државниот пазарен инспекторат за „Скопје1“, велат дека и нивните инспектори постапувале минатата недела, и кај пет објекти утврдиле неправилности.