Речиси 46 милиони денари, односно околу 750 илјади евра, биле исплатени во изминатата година за обештетување на граѓани кои биле каснати од бездомни кучиња во Скопје. Во исто време, проблемот со уличната популација продолжува да се забележува во повеќе скопски населби.
ЈП „Лајка“ до 24 јуни годинава примило 710 пријави од граѓани за заловување на бездомни кучиња. Стационарот има капацитет за 140 кучиња, но моментално во него се згрижени околу 180, благодарение на дополнително обезбедените надворешни боксови.
Од претпријатието посочуваат дека проблемот не произлегува само од бездомните кучиња, туку значително придонесуваат и неодговорното сопствеништво и неконтролираното размножување на домашните кучиња.
Според мониторингот спроведен во 2023 година, на територијата на Скопје имало околу 4.000 улични кучиња, од кои околу 48 проценти биле стерилизирани. Истовремено, околу 18 проценти од кучињата затекнати на улица биле сопственички, но оставени без надзор. Во Скопје има околу 40.000 регистрирани сопственички кучиња, од кои само девет проценти се стерилизирани.
Од „Лајка“ велат дека во текот на минатата година биле заловени околу 1.000 кучиња, од кои 850 биле стерилизирани. По ветеринарниот третман, вакцинацијата, микрочипирањето и проценката на однесувањето, кучињата вообичаено се враќаат на локацијата од која биле заловени. Исклучок се случаите во кои постои пријавено каснување поткрепено со медицинска документација.
Граѓани од повеќе населби, меѓу кои Тафталиџе и Ѓорче Петров, пријавуваат групи кучиња за кои тврдат дека се агресивни кон минувачи, велосипедисти и лица со домашни миленици. Од „Лајка“ велат дека дел од овие случаи се приоритет за интервенција и дека постои сомневање оти одредени групи кучиња биле донесени од други подрачја.
На почетокот на годинава беше најавена инвестиција од 30 милиони денари за проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“, со цел системско решавање на проблемот. Во меѓувреме, Град Скопје продолжува да исплаќа значителни средства за обештетување на граѓаните поради напади од бездомни кучиња.