Основниот кривичен суд Скопје ѝ изрече условна затворска казна од една година на поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, откако ја прогласи за виновна за кривичните дела одавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
За кривичното дело одавање службена тајна, поврзано со споделување информации од предмет во ДКСК со поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, судот ѝ изрече казна затвор од осум месеци. За компјутерски фалсификат, поврзан со лажно полагање за безбедносен сертификат, доби шест месеци затвор. Судот изрече единствена условна казна од една година, која нема да се изврши доколку во наредните три години не стори ново кривично дело.
Во истиот предмет, ревизорот Миле Столевски беше прогласен за виновен за компјутерски фалсификат бидејќи, според судот, во име на Димитровска го полагал испитот за добивање безбедносен сертификат. Нему му беше изречена условна казна затвор од шест месеци, која нема да се изврши ако во рок од две години не стори ново кривично дело.
Третообвинетата Билјана Петровска-Мантева е ослободена од обвинението, бидејќи судот оцени дека Обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека го сторила кривичното дело одавање службена тајна.
Во образложението на пресудата, судијата Илија Трпков истакна дека изнесувањето службени информации сериозно го нарушува интегритетот на ДКСК и претставува повреда на службената должност. Според судот, Димитровска свесно ги споделувала информациите и го заобиколила системот за безбедносни проверки за да добие сертификат за пристап до класифицирани информации со степен „државна тајна“.
И Обвинителството и одбраната имаат право на жалба до Апелациониот суд во рок од осум дена.