Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски оцени дека проектот „Младински политики по мерка на младите“, реализиран од „Про Локал“ од Битола, може да послужи како модел за креирање и спроведување младински политики и во другите плански региони во Македонија.
За време на посетата на Битола, Велковски истакна дека младинските политики се меѓу приоритетите на Министерството, посочувајќи ја потребата младите активно да бидат вклучени во процесите на локално одлучување.
„Младински политики по мерка на младите“ е проект со одлични резултати и затоа ние го поддржуваме. Како модел е прифатливо решение и за другите плански региони во Македонија“, рече Велковски.
Тој посочи дека Министерството сака искуствата од проектот да ги искористи и во другите делови од земјата, преку Младинските совети, Младинските канцеларии и младинските офицери, кои ја поврзуваат локалната самоуправа со младите.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, нагласи дека соработката меѓу општината, младите и граѓанскиот сектор е значајна за градот и за создавање услови младите да бидат поактивно вклучени во општествениот живот.
„Наша намера е да ја отвориме вратата за младите, да им дадеме можност да се искажат, да ги извлечеме од пасивноста и неактивноста, да ги вклучиме во општествениот живот со нивни идеи“, рече Коњановски.
Тој додаде дека Општина Битола сака подобро да ги согледа потребите и проблемите на младите, со цел тие да бидат вклучени во креирањето на локалните политики. Коњановски посочи и дека задржувањето на младите во градот и враќањето на оние што живеат во странство се меѓу важните цели.
Според директорот на МЦМС Скопје, Александар Кржаловски, проектот е значаен и затоа што покажува дека граѓанските организации надвор од Скопје можат активно да придонесуваат во креирањето решенија и соработката со локалната и централната власт.
Претседателката на „Про Локал“ Битола, Емилија Ѓероска, истакна дека проектот тргнува од ставот дека младите не се еднаква и хомогена група и дека условите за нивниот личен и професионален развој зависат и од местото во кое живеат.
Во рамки на проектот е воспоставена регионална Платформа за млади, преку која се креирани 24 мерки и локални политики насочени кон потребите на младите во Пелагонискиот регион.
На промотивниот настан биле презентирани и препораки за измени и дополнувања на Законот за младинско учество и младински политики, а биле доделени и награди за иновативни бизнис идеи на млади од Пелагонискиот регион.