Десетици илјади граѓани денеска се собраа во центарот на Приштина на „Маршот за слобода“, во знак на поддршка на поранешните припадници и лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), пред изрекувањето на конечната пресуда на Специјализираните совети во Хаг.
На плоштадите во Приштина беа истакнати знамињата на Косово, Албанија и ОВК, како и транспаренти со пораки во чест на борбата на ОВК. Меѓу нив беше и пораката „Слободата има име“.
На собирот беа истакнати и фотографии од Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, на кои им се суди во Хаг под обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Една од организаторките на маршот, Елиза Хоџа, порача дека собирот е посветен на оние кои, како што рече, се осмелиле да направат повеќе од мнозинството граѓани.
„Денес маршираме со ОВК, за ОВК, бидејќи ОВК нè обединуваше во минатото, нè обединува денес и ќе нè обединува засекогаш“, изјави Хоџа.
Претседателот на Организацијата на воените ветерани на ОВК, Хисни Гуцати, нагласи дека протестот не е организиран за одбрана на поединци, туку за, како што рече, одбрана на вистината на народот кој се борел за опстанок, слобода и државата Косово.
На собирот се обрати и лидерот на Демократската партија на Косово, Бедри Хамза, кој порача дека Косово ја памети и ја почитува жртвата на ОВК.
Поддршка за поранешните лидери на ОВК упати и албанскиот премиер Еди Рама. Во објава на Фејсбук тој напиша: „Слобода за ослободителите“, придружувајќи ја пораката со видео од Тачи, Весели, Красниќи и Селими.
Рама оцени дека Косово победило верувајќи во слободата и изрази очекување Хашим Тачи да „победи“ на ист начин. Тој додаде дека поддршката од албанскиот народ, според него, ја зајакнува вистината на Тачи.