Апелацискиот суд во Скопје треба итно да постапи по жалбите во случајот „Талир 2“ и да ја преиспита првостепената ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски, порача на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Според него, рокот за одлука истекува на 31 август, поради што од СДСМ бараат Апелација да постапи по жалбите на Обвинителството.
„Талир 2“ се однесува на случајот поврзан со Никола Груевски и имотот на ВМРО-ДПМНЕ, а Димитријевиќ смета дека Апелацискиот суд има можност да ја преиначи првостепената пресуда и да ја разгледа и одлуката со која не беше прифатена конфискацијата на седиштето на партијата.
Од СДСМ упатија низа обвинувања за политичко влијание врз правосудството. Димитријевиќ тврди дека во изминатиот период биле менувани обвинители и судии, како и дека биле поставувани кадри блиски до власта и до премиерот Христијан Мицкоски.
Тој го посочи и претходното одземање на предметот „Талир 2“ од поранешниот обвинител, оценувајќи го како пример за, како што рече, политичко влијание врз текот на истрагите.
„Резултатот од таквото партизирано правосудство е ослободителна пресуда за менторот на Мицкоски – Никола Груевски и спас на криминално стекнатиот имот на ВМРО“, изјави Димитријевиќ.
Од СДСМ дополнително го обвинија Мицкоски дека, како што наведуваат, не презема чекори за распишување потерница по Груевски.
Димитријевиќ порача дека Апелацискиот суд сега има можност да ја преиспита првостепената одлука и да придонесе за, како што рече, враќање на довербата во правдата.
„Судството мора да им служи на граѓаните, а не за спас на криминалот на власта“, порача генералниот секретар на СДСМ.