Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ, на прес-конференција во име на АКТ обвини дека во Министерството за дигитална трансформација биле склучени три договори со вкупна вредност од околу 1,5 милиони евра и дека зад фирмата со која се склучени договорите стои бизнисмен кој претходно бил поврзан со сопругот на државната секретарка во Министерството.
Фрчкоски тврди дека станува збор за продолжение на случајот со фирмата „Матео Дизајн“, која, според него, е во сопственост на Мартин Клинчаров, сопруг на државната секретарка Клинчарова. Тој потсети дека Државната комисија за спречување на корупцијата отворила предмет за претходниот случај.
Според наводите изнесени на прес-конференцијата, Министерството за дигитална трансформација склучило три договори со „Нома систем солушнс“, подружница во Скопје. Договорите се однесуваат на одржување на Системот за управување со документи, софтвер за регистар на имот и софтвер за испити, а нивната вкупна вредност, според АКТ, изнесува 1,5 милиони евра.
Фрчкоски како клучно прашање го постави сопственичкото и деловното поврзување на фирмата. Тој посочи дека како управител на „Нома систем солушнс“ се јавува Владимир Симовски, за кого тврди дека претходно бил директен деловен партнер и косопственик со Мартин Клинчаров во фирмата „СВАГ ФУД ДОО Скопје“.
Дополнително, Фрчкоски изнесе тврдење дека сопственички удел во „СВАГ ФУД“ имала и „Матео Дизајн“, фирмата која, според него, е во сопственост на сопругот на државната секретарка.
„Фирмите се трансформираат, ама актерите и шемите остануваат исти“, рече Фрчкоски, обвинувајќи дека промената на фирмите преку кои се склучуваат договорите има цел да продолжат деловните врски и да се избегне вниманието на јавноста по првиот случај.
АКТ побара од ДКСК да го прошири постојниот предмет и да ги провери новоизнесените наводи и документација, како и да се следат финансиските текови меѓу поврзаните субјекти.
Фрчкоски побара и од министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски да понесе политичка одговорност, вклучително и со оставка, доколку се утврдат наводите изнесени на прес-конференцијата.
Од АКТ порачаа дека очекуваат институциите да ги проверат сите изнесени тврдења и да утврдат дали при склучувањето на договорите имало неправилности или поврзаност што би можела да претставува основа за одговорност.